
Од клучно значење е во Собранието да се формира што поширока поддршка за реализација на стратешките цели, особено од аспект на НАТО и членството во Европската Унија, му порача на претседателот на Собранието Талат Џафери американската амбасадорка Кејт Мари Брнз на денешната средба. Таа додала дека еднакво значајни се и борбата против корупцијата, прашањата поврзани со националната безбедност и потеклото на инвестициите, како и донесувањето на законот за антидискриминација.
На средбата, Џафери изрази благодарност за поддршката што американската амбасада и САД и ја даваат на Македонија, при што истакнал дека за нас е од суштинско значење задржаниот фокус на Соединетите Американски Држави кон нашата земја и регионот во целина.
Џафери ја информирал амбасадорката Брнз за очекуваното ангажирање на новата влада во однос на пандемијата и мерките за зачувување на здравјето на граѓаните, за економските мерки за поддршка на населението и подготовката на стратегијата за започнување на преговорите за членство со Европската Унија, како три главни приоритети на дејствување.
Амбасадорката Брнз му честитала на Џафери за успешно спроведените парламентарни избори, за формирањето на институциите и за неговиот реизбор на функцијата претседател на законодавниот дом. Таа истакна дека, Република Северна Македонија има постигнато значаен напредок за кус период, особено на полето на евроатланската интеграција.