
Пет отсто од Бразилците одбиваат да се вакцинираат против новиот коронавирус под какви и да се околности, а уште 20 проценти велат дека можеби не би се вакцинирале, покажува анкетата од која резултатите беа објавени во неделата во весникот O Estado de S. Paulo.
Испитувањето, сепак, е охрабрувачко за здравствените власти, бидејќи 75 отсто од Бразилците одговориле дека би се вакцинирале кога вакцината ќе биде достапна.
Како причина за откаживањето или премислувањето во врска со вакцинирањето наведени се дилемите околу безбедноста и ефикасноста на вакцините, анти-ваксерскиот став, како и теориите на заговор како што се стравувањата од генетска манипулација, всадувањето чип преку вакцината и тоа што вакцината наводно се произведува од абортирани фетуси.
Истражувањето на јавното мнение коешто го спровел социолошкиот институт Ibope за невладината организација Avaaz опфатило илјада испитаници од цел Бразил.
Интересно е што меѓу оние кои се двоумат во врска со вакцинирањето главно се млади луѓе, односно 34 отсто се во возрасната група од 25 до 34 години, а 36 отсто биле евенгелстички христијани.
Бразилскиот десничарски претседател Жаир Болсонаро, кој самиот беше заразен со коронавирусот но продолжува да ја минимизира опасноста од него, минатата седмица повтори дека вакцинирањето нема да биде задолжително. Тоа е инаку став и на повеќето влади во светот.
Бразил е втор во светот според бројот на потврдените случаи на коронаинфекција и починати од Covid-19. Заразени се најмалку 4,1 милиони Бразилци, а починале 126.203 луѓе.