Јанушев: За мафијата не значи ништо поскапувањето на струјата

Во денешното вклучување во вестите на Алфа телевизија, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев во врска со денешниот протест на ВМРО-ДПМНЕ и синоќешната изјава на Заев посочи дека за мафијата не значи ништо поскапувањето на струјата, но народот може лесно да увиди по сметките кој го осиромашува.

Тој ја коментираше изјавата на Зоран Заев кој ја даде вчера и посочи дека за Заев и за тие околу него поскапувањето на струјата не значи ништо, со оглед на тоа колку многу тендери наместиле, колку многу пари украле од државата, но за сите останати во Република Македонија многу значи поскапувањето на електричната енергија.

-Заев вели дека економијата блеска, дека на народот му е супер, дека дури не можат да стигнат да ги потрошат парите коишто ги земаат, но граѓаните се свесни дека кога ќе влезат во продавница, цените се повисоки, а платите се исти, а се повеќе луѓе се отпушаат од работа, тоа стана реалноста во Македонија, посочи Јанушев.

Јанушев потенцираше дека на власт е една мафија на чело со премиерот Зоран Заев, дека оваа влада е е со истите мафијашки кадри кои и во минатите три ипол, четири години, кои направиле пустош во државата, нема никакво подобрување за лошата ситуација во која се наоѓа државата и граѓаните.

-Имаме две испорачани барања, доставивме едно официјално барање до Регулаторната комисија, но тие буквално се заклучија внатре и не сакаа да излезат ниту да го примат истото, вели Јанушев.

Јанушев потенцираше дека она што граѓаните можат лесно да го воочат се нивните сметки за електрична енергија, да ги споредат со претходните десетина години и лесно ќе увидат кој ја поскапува струјата.

-Јасно се гледа разликата, оној што плаќа 4.000 денари, сега плаќа 5.000 денари и повеќе и јасно се увидува зголемувањето на цената на струјата, сите оние пораки дека ова е нова влада, нови луѓе, чесни, искрени и професионалци паѓаат во вода кога ќе се види кои се првите чекори на оваа старо-нова влада и кои се персоналните решенија, тоа се истите оние луѓе кои ја донесоа државата на ова дереџе на кое што сме денеска, истакна Јанушев.