
Военото разузнавање на Велика Британија предупредува дека руската крстосувачка рекета со нуклеарно напојување „Буревесник“ може да остане во атмосферата практично неограничено време и да нанесе удар од неочекувана насока врз која и да е точка во светот, пишува во неделата весникот The Sunday Telegraph, наведувајќи го шефот на британското воено разузнавање генерал-потполковникот Џим Хокенхал.
Според Хокенхал, „хиперсоничната крстосувачка ракета со нуклеарен мотор може да биде активирана глобално и може да овозможи да се нанесе удар од неочекувана насока“.
Весникот пишува дека станува збор за проектилот од типот „Буревестник“ која го развива Русија и којашто, според написот, може да остане во атмосферата неколку години и е подготвена за напад во секој момент. Цитирајќи го Хокенхал, весникот појаснува дека благодарение на нуклеарниот погон ракетата „практично има бесконечно време за чекање во воздухот“.
Шефот на военото разузнавње на Обединетото Кралство, кој на оваа позиција дојде во декември 2018 година, исто така, обрнува внимание на руските инвестирања во развојот на подморничката флотила и уредите за активности во длабоките океански води, како што се „автономните подводни апарати, способни да испорачуваат нуклеарни боеви глави кон цели на брегот или дури и групите на носачите на авиони“ или да претставуваат закани за каблите и инфраструктурата поставени на дното од океаните за пренос на интернетот и за електрична енергија.
Според Хокенхал, руските воени челници тргнале по патот на „неквантитативното“ трупање оружје, односно пооперативен развој на новите видови вооружување.
„Тие внимателно го проучуваа Западот, за да разберат каде е најдобро да се насочуваат инвестициите за да ни создадат што повеќе проблеми“, вели челникот на британското воено разузнавање.
Хокенхал тврди и дека Русија претставува најголемата „геополитичка закана за европската безбедност“. Во врска со ова, тој исто така се осврнува и на „сѐ поавторитарната и наметлива“ Кина. Според него, Пекинг е „најголемиот ризик за светскиот поредок“, бидејќи како што оценува разузнавачот, наводно се обидува на светот да му ги наметне своите норми и стандарди користејќи ја својата економска моќ, поддржано од огромните инвестиции во војската.