Премиерот Зоран Заев, во рамките на дводневната работна посета на Атина, денеска ќе оствари средби со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, како и со лидерот на опозициската СИРИЗА, Алексис Ципрас, а утрово ќе учествува на панел дискусија за Западен Балкан на конференцијата на „Економист“, јави дописничката на МИА од Атина.
Средбата со Сакеларопулу е закажана за 12.45 часот по локално време, а од претседателската палата, Заев ќе замине на работен ручек со неговиот грчки колега, додека пак во вечерните часови, ќе се сретне со лидерот на СИРИЗА.
Во однос на средбата со Мицотакис, според она што во понеделникот го најави портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, се очекува да стане збор за европската перспектива на нашата земја, за билатералните односи, како и за имплементацијата на Договорот од Преспа.
Претпладнево, во областа Лагониси, во источниот дел на регионот Атика, на почетокот од вториот ден од конференцијата на Економист – „24-та тркалезна маса со грчката Влада“, Заев, заедно со премиерот на Албанија Еди Рама ќе учествува на панел дискусија посветена на Западен Балкан.
На агендата се проширувањето на ЕУ и следните чекори, реформите што треба да се спроведат, трговијата и инвестициите, додека пак за политичката перспектива ќе говорат поранешните министри за надворешни работи на Грција Дора Бакојани и Јоргос Катругалос, кои сега се пратеници од Нова демократија, односно СИРИЗА.
Заменик- претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кои го придружуваат премиерот Заев за време на посетата на Атина, ќе имаат посебна програма и средби со нивните грчки колеги.
Димитров ќе се сретне со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција задолжен за европски прашања Милитиадис Варвициотис во 16 часот по локално време, додека пак Османи ќе оствари работна средба со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, кој ќе се сретне и со Димитров.
И додека вториот ден од посетата на Атина е од политички карактер, вчера, македонскиот премиер разговараше за енергетиката и интересот на Северна Македонија да се вклучи во изградбата на терминалот за течен природен гас во близина на грчкиот град Александруполи, како нова, независна влезна точка за снабдување со природен гас на Југоисточна Европа, на средбата со Христос Копелузос, извршен директор на групацијата „Копелузос“, која е основачки акционер на компанијата „Гастрејд“.
На средбата, која се оствари на покана на „Гастрејд“ учествуваше и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, и високи претставници на компанијата, од каде што изразија поддршка Република Северна Македонија да биде дел од проектот за изградба на пловна станица на 17 километри од Александруполи за привремено складирање и гасификација на течниот природен гас, со капацитет од 170.000 кубни метри и можност за снабдување со природен гас од над 5,5 милијарди кубни метри.
Со овој проект се создава можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за нашата земја, која, истовремено, ќе стане точка од која потоа гасот ќе се дистрибуира и пошироко во регионот, и во земјите кои ќе покажат интерес.