Заев убеден дека ќе најде решение за Гоце Делчев со Бугарија,

Премиерот Зоран Заев е уверен дека ќе се најде решение за несогласувањата за Гоце Делчев со Бугарија, но македонскиот јазик, кој е дел од идентитетот, како што вели, треба да биде надвор од какви било разговори.

Заев на прес-конференцијата во поетокот најави дека во Владата ќе се однесуваат внимателно и ќе останат ориентирани кон градење пријателска атмосфера по меморандумот што официјална Софија го испрати до земјите членки на ЕУ, а во пресрет на првата меѓувладина седница на земјава со ЕУ, која се очекува до крајот на годината.

„Низ пријателски разговори, убеден сум дека ќе изнајдеме решение. Ова е проблем на шестата историска личност или на четвртото историско поглавје кое е пред нас, за кое треба да разговараме, а верувам дека идентитетските прашања треба да бидат надвор од какви било разговори, затоа што и мојот пријател Борисов и другите политичари интелектуалци се обраќаат кон македонскиот народот, зборуваат дека постои македонскиот јазик и тука нема никакви дилеми. Да оставиме простор низ разговори, внимание и пријателство да изнајдеме решение за овие чекори за не се доведе во прашање следниот чекор на нашиот процес за интеграција во ЕУ“, рече Заев на денешната прес-конференција.

Додаде дека официјалниот одговор на македонската страна е ставот што вчера го објави Владата.

Со Република Бугарија, рече Заев, сме сојузници во НАТО и имаме заедничка обврска и должност да ги подобруваме добрососедските односи, меѓусебната соработка и да градиме пријателство. Правото на самоопределување и самоидентификација, нагласи  се темелни европски вредности и цивилизациски придобивки.

„Посебноста на македонскиот јазик и македонскиот етнички идентитет се неспорен факт, македонскиот јазик е составен дел од личната карта на Северна Македонија во Обединетите нации и дел од многуте прифатени признаени модерни јазици кои се изучуваат на универзитетите во целиот свет. Во 21 век во Европа прифаќањето на минатото, но и на сегашноста се одраз на одговорна и зрела политика и вистинско градење пријателство. Тврдењата и изјавите кои содржат навреди не водат кон вистинско пријателство. Пријателството е двонасочна улица и најмногу зависи од нас самите, од нашето почитување на европските вредности и принципи. Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е одраз на заемното почитување и пријателство и подразбира и бара одговорност и учество од двете страни“, изјави Заев.

Продолжуваме во пријателски дух, порача премиерот, и ќе останеме комплетно внимателни во наративот затоа што може да се најде решение од кое двете страни ќе излезат како победници.

Заев одговори и на барањето на ВМРО-ДПМНЕ и македонскиот парламент да донесе декларација со која ќе се спротивстави на бугарскиот меморандум. Порача дека негово лично мислење е оти тоа не е потребно и тоа не е решение, но ако Собранието реши нека дискутира за тоа.

„Јас лично сметам дека парламентот не треба да носи резолуции или декларација затоа што веројатно следно е нова од бугарскиот, па следна од македонскиот парламент. Ова не води кон решение. Бугарскиот парламент е секако демократска институција во пријателска Бугарија и носи одлуки. Веројатно, се чувствува притисокот и во Бугарија по ова прашање. Тоа е мој личен став, секако парламентот е над мене како премиер и над Владата. Ако пратениците одлучат, секако можат да дискутираат“, рече Заев.

На шест страници со долги историски образложенија за „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија, Бугарија испрати објаснувачки меморандум до земјите членки на ЕУ во пресрет на одлуката
за отпочнувањето на преговорите со Унијата. Официјална Софија бара поддршка од нив за својата позиција во однос на македонскиот идентитет и јазик.

Софија нагласува дека земјите кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ, и смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт кој „би можел при зачленувањето на Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ“.

Меѓу другото, во документот на шест страници на кој на долго се објаснуваат нивните тези за настанокот на македонската нација и јазик, се наведува и дека Македонците се проект на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито, дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот и не постоел до 2 Август 1944 година.