
Екс-министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за која Врховниот суд вчера донесе одлука дека жалбата е одбиена, и дека мора да оди во затвор за случајот „Тенк“, се огласи преку својот профил на „Фејсбук“. Таа истакна дека никаде не бега, дека се наоѓа дома, и дека нема потреба од спектакли и опсада во зградата во која живее. Таа објави и фотографија на која се гледа полициско возило пред нејзината зграда.
„Нема потреба од спектакли, опсада на зградата во која живеам, вознемирување и претресување на соседите. Ако некој ме бара јас сум дома и на крај памет не ми паѓа некаде да бегам. Ништо не е поскапоцено од секој момент поминат со семејството“, напиша Јанкулоска.
Инаку од полиција велат дека до нив се уште не е стигната наредба за спроведување на Гордана Јанкулоска.
„Преземаме стандардни полициски оперативни мерки и активности, а се уште од судот немаме добиено никаква наредба за спроведување на Гордана Јанкулоска. Кога ќе добиеме соодветна наредба од судот, ќе постапиме по истата. За сите други информации надлежен е судот“, велат од полиција.
https://www.facebook.com/jankuloskagordana/posts/10157175165651682