Одлуката нашиот коалиционен партнер БЕСА да делува самостојно во рамки на парламентот е заедничка, заради поефикасно и подобро функционирање на мнозинството.
Ова за ТВ21 го изјави Костадин Костадинов пратеник на СДСМ по информацијата дека пратениците од БЕСА кои во Собранието влегоа преку листите на СДСМ неофицијално во допис го известуваат собранискиот спикер Талат Џафери дека ќе дејствуваат како независни од пратеничката група и ќе ги застапуваат интересите на својата партија.
„Ова не е напуштање на коалицијата туку да се организираме подорбро и да работиме поефикасно како БЕСА во парламентот“, изјавил Кастриот Реџепи, пратеник на БЕСА, кој ќе биде одговорен да ги координира пратениците на оваа партија.
Инаку, минатата недела со претседателот на Собранието пристигнаа известувања за четири пратенички групи. Таму за коалицијата Можеме беа потпишани 46 пратеници, односно сите и од СДСМ, и од БЕСА. Како пратенички групи известување испратија и од ДУИ, од коалицијата „Обнова за Македонија“ предводена од ВМРО ДПМНЕ и од коалицијата Алијанса и Алтернатива.
За да се формира пратеничка група според деловникот потребни се најмналку пет пратеника. Координаторите на пратеничките групи учествуваат на состаноците кај собранискииот спикер за текот на седниците и точките на дневен ред. БЕСА во парламентот има четворица свои пратеници, со што не може и формално да понесе барање за пратеничка група.