Новиот амбасадор на Европската Унија во Македонија, Дејвид Гер, при предавањето на акредитивните писма на претседателот Стево Пендаровски, порача дека владеењето на правото ќе биде клучно во пристапните преговори за членство во ЕУ.ж
Гер истакна дека тоа е почетна точка, но и последен чекор во преговорите.
Евроамбасадорот подвлече дека пристапните преговори ќе бидат онолку исцрпувачки колку што ќе бидат и големо задоволството.
-Процесот исто така значи поддршка на демократијата и дијалогот, заштита на човековите права и животната средина и создавање на одржлива економија во служба на граѓаните. ЕУ реформите и подобрувањето на животот и перспективите на луѓето не се конкурентни приоритети, туку напори кои меѓусебно се зајакнуваат. Тие вклучуваат процес на позитивна реформа во интерес на слободите, напредокот и безбедноста на обичните Македонци – порача новиот ЕУ амбасадор.
Тој изрази очекување дека тесно ќе соработува со претседателот, со Владата, со Парламентот, со опозицијата, и како што рече, со сите актери и сектори на општеството низ целата земја, кои мора да бидат во центарот на овој голем потфат за да може Македонија да го заземе своето место како членка на Европската Унија.
Претседателот Пендаровски од своја страна истакна дека новиот ЕУ амбасадор доаѓа во исклучително значаен момент за земјава, бидејќи, како што посочи, по потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, сме завртеле нов лист во својот развој и сме одлучиле да го надополниме загубеното време во исполнување на своите клучни цели.
-Сега, во периодот пред нас, на ред е одлуката за почеток на преговорите да се материјализира во што поскоро усвојување на Преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ и да се закаже првата Меѓувладина конференција помеѓу Европската Унија и Македонија која ќе го означи конкретниот почеток на преговорите – рече Пендаровски.
Претседателот изрази уверување дека со почетокот на преговорите и ревидираната методологија, не само што ќе придонесат за натамошно стабилизирање на состојбите на Западниот Балкан, туку нам, како држава, ќе ни овозможат побрзо и поефикасно да ги имплементираме неопходните реформи, особено во сферата на борбата со организираниот криминал и високата корупција.
-Изградбата на функционална правна држава, во чие средиште е независниот и ефикасен судски систем, е еден од нашите стратешки приоритети и сите институции посветено работат кон остварување на оваа цел. Бидете уверен дека за остварувањето на оваа стратешка цел сите институции ја имаат мојата целосна поддршка – подвлече Пендаровски.
Мандатот на амбасадорот Гер како Шеф на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија е четири години. Тој доаѓа на местото на Самуел Жбогар кој функцијата евроамбасадор ја извршуваше од септември 2016 година досега.