На денешното рочиште за случајот „Настаните во Општина Центар“ во Кривичниот суд, обинителката Фатиме Фетаи го повлече обвинението за обвинетите Даниела Рангелова, Борче Богдановски и Милан Андоновски.
Обвинети во предметот остануваат Никола Груевски, Миле Јанакиески, Александар Трајковски и уште неколкумина кои одговараат за насилство.
На денешното судење, завршен збор ќе има обвинителството, а потоа и обвинетите и нивните адвокати.
Во овој случај веќе има три пресуди: Осуден е Мирко Пецев кому му се судеше во одвоена постапка, како и двајца советници во Центар од ВМРО-ДПМНЕ во 2013 кои признаа вина и добија условни казни.
Со тројцата осудени и тројцата за кои денеска се повлече обвинението, во случајот останаа уште 7 обвинети. По соопштувањето на оваа одлука, обвинителката Фетаи го прочита прочистеното обвинение и продолжи со завршните зборови.
Обвинетите се товарат за поттикнување и организирање на насилните протести пред просториите на Општината летото во 2013 година кои, според обвинителството, биле организирани со образложение дека се против наводно запирање на изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“, а всушност причината била да се спречи седница на Советот на Општина Центар на која требало да се променат деталните урбанистички планови, меѓу кои и оној за „Мал ринг“. Во тој период локалната власт во Центар ја имаа СДСМ и коалицијата, со Андреј Жерновски како градоначалник, додека извршната власт и Градот Скопје беа во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.
Првото рочиште за предметот се одржа на 12 декември 2016 година.