Порта Македонија и споменикoт на Мајкa Тереза на списокот за уривање

Неизвесна судбината на една од најпрепознатливите градби од проектот „Скопје 2014”. За тоа дали Порта Македонија ќе стане само дел од спомените на скопјани, засега нема конкретен одговор од надлежните институции.

По информациите дека Владата до општина Центар уште пред изборите доставила барање за промена на деталниот урбанистички план „Мал ринг“, односно бришење на маркичките на Порта Македонија и неизградениот споменик на Мајка Тереза, денеска поумерени тонови.

Од Владата потврдуваат дека упатиле вакво барање во кое и укажуваат на Општина Центар да ги преиспита овие решенија и да ги усогласи согласно со заштитата на културното наследство во градскиот центар, но без конкретни насоки.

„Со мислењето дадено до Општина Центар, Владата не укажува дека треба  да се руши кој било од споменатите објекти, туку препораката е дека предметниот ДУП треба да се разгледа и усогласи од страна на Општина Центар, имајќи ги предвид мислењата кои се дадени и од Комисијата. Конкретно објектот Порта Македонија не попречува пешачки ниту моторен сообраќај, низ уличната мрежа секојдневно минуваат пешаци и возила, односно дозволена е непречена комуникација”, велат од Владата.

И од општина Центар, пак, ја враќаат топката кон Владата. Потребни се функционални измени на Мал Ринг, вели првиот човек на општината, дополнувајќи дека чекаат конкретни акти од Владата за натамошно дејствување.

Барањето од Владата е во согласност со мислењето на Работната група за справување со проектот „Скопје 2014“. Формирана од Владата на СДСМ по доаѓањето на власт во 2017 година, оттаму велат дека двата објекта се дивоградби и при нивната изградба прекршени се низа закони.