Османи – Борел: ЕУ и земјите кандидати сериозно да го разберат значењето на солидарноста

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на првиот ден од работна посета на Брисел оствари средба со високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на Европската комисија, Јосеп Борел.

За време на средбата Османи го поздрави активниот ангажман на високиот претставник на ЕУ Борел за поддршка на европската перспектива на регионот, како и за покренатите иницијативи за обезбедување мир, стабилност и просперитет помеѓу земјите од Западниот Балкан. Во таа смисла Османи се заблагодари за неговиот придонес кон усвојувањето на одлуката за отворање на преговорите со Македонија од страна на Советот на ЕУ и потоа потврдена од Европскиот совет во март оваа година.

„Зеленото светло за старт на преговорите со Македонија беше демонстрација на подготвеноста на ЕУ да презема стратешки и визионерски одлуки дури и во предизвикувачките и тешки времиња на соочување со кризата предизвикана со КОВИД-19 пандемијата. Како Европејци заедно се соочуваме со предизвикот на вирусот и високо ја цениме итната ЕУ помош пружена за нашата земја, како и за целиот регион. Ова е вистинското време ЕУ и земјите кандидати сериозно да го разберат значењето и важноста на солидарноста и меѓусебната соработка и заедно рака под рака да ги надминат социо-економските последици од пандемијата”, подвлече Османи, посочувајќи дека одржувањето на Првата меѓувладина конференција со Македонија до крајот на годината ќе биде охрабрувачка порака и кон останатите земји од регионот да направат сè што е во нивна моќ и што е потребно во исполнување на реформите и постигнување на компромиси за надминување на билатералните спорови.

Во оваа насока Османи со Борел разговараше и за заедничките напори што Високиот претставник ги прави заедно со специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак за нормализирање на односите помеѓу Србија и Косово.

„Успехот на дијалогот Приштина – Белград кој се одвива во Брисел ќе придонесе во надминување на разликите и создавање стабилен и безбеден регион, како основа за зголемување на регионалната економска соработка. Можете да сметате на Македонија како на стабилен партнер во регионот, земја која е секогаш подготвена во рамки на своите можности да ги помогне ваквите напори”, потенцираше Османи на средбата, пренесувајќи му ги притоа на Високиот претставник приоритетите на надворешната политика, со особен осврт кон добрососедските односи и поддршката на регионалните иницијативи.

„Убеден сум дека Вашето ценето политичко искуство и ангажман ќе придонесе за натамошно зајакнување на улогата на ЕУ на глобалната сцена. Дозволете ми исто така да Ве уверам дека особено по зачленувањето на Македонија во НАТО како нејзина 30-та членка, целосно сме подготвени и посветени да ги подржиме Вашите напори во оваа насока, за натамошно зајакнување на европската и трансатлантска безбедност. Што и да ни носи иднината, Македонија цврсто реши да биде упорна во целта да стане европска демократија управувана од вредности и принципи како што се владеењето на правото и почитувањето на човековите права”, беа пораките на Османи на средбата со Борел.

Средбата Османи – Борел се случува во исклучително динамично време за европските аспирации на Северна Македонија, во пресрет на усвојувањето на преговарачката рамка и закажувањето на првата Меѓувладина конференција за време на Германското претседателство, како официјален почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ, соопшти МНР.