
Голем број европски земји вчера најавија дека по порастот на бројот на новозаболени од коронавирус ќе воведат мерки за борба против негово ширење. Мерките вклучуваат органичување на патувањата, порано затворање на баровите и рестораните, како и лимитирање на јавните собири, пренесуваат агенциите.
Холандија донесе нови мерки откако бројот на случаи на Ковид-19 во вториот бран ја надмина рекордната бројка од април. Мерките вклучуваат задолжително носење маска во Амстердам и другите големи градови, забрана за публика на спортски натпревари во следните три недели, затворање на рестораните и баровите во 22 часот. Премиер Марк Руте истакна дека ќе се ограничат и патувањата, па ги повика работодавачите што е можно повеќе да ја организираат работата од дома.
Словачка по растот на нови случаи на коронавирус го забрани одржувањето на поголем број културни и спортски натпревари. Премиерот изјавил дека луѓето треба што е можно повеќе да носат заштитни маски, да ги избегнуваат семејните собири и да одржуваат физичка дистанца за да се избегне потребата од нови рестрикции.
Велика Британија воведе нови ограничувања во делови од североисточна Англија по зголемениот број на случаи со коронавирус. Од среда на жителите на седум подрачја, вклучително и урбаните центри како Њукасл, Сандерленд и Дурам ќе им биде забрането собирање во домовите и дружење со лица кои не се дел од домаќинството. Рестрикции се воведуваат во домовите, пабовите и рестораните, а луѓето кои не ги почитуваат новите мерки се соочуваат со можноста да бидат парично казнети, објави Министерството за здравство.
Во Шпанија околу 1,1 милион жители на Мадрид и околината смее да ја напушти својата населба само поради нужност, како на пример одењето на работа. Оваа доаѓа откако вчера се проширени мерките за сузбирање на Ковид-19 во дополнителни делови од градот. Досега мерките опфаќаа околу 850.000 жители на југот и југоистокот, претежно населби со работници и мигранти, а од вчера наутро новите мерки важат за дополнителни 167.000 жители.
Жителите од овие населени места смеат да излегуваат само за да одат на работа, во болница, на училиште, на суд или за да се грижат за трето лице. Влезот без сериозна причина исто така е забранет. Полицијата повремено ги запира возилата и ги проверува документите со адреса на жителите, па многу носат потврди од работа за да се оправдаат. Во случај на неоправдано излегување или влегување во некое населено место предвидени се казни од 600 евра.
Бројни региони во Италија најавија построги мерки на отворено за да се сузбие ширењето на вирусот. Сицилија објави дека сите странски патници мора да се тестираат при доаѓање и да се јават на лекар. Од среда ќе биде задолжително носење маска во јавност за лица постари од шест години. Мерката ќе биде на сила најмалку до 30 октомври.
-Со доаѓањето на сезоната на грип влегуваме во деликатна фаза на епидемијата, изјави претседателот на јужниот италијански регион Нело Муксумеци.
Јужниот италијански регион Кампанија уште минатата недела воведе задолжително носење маска во јавност, мерка која ќе трае најмалку до 4 октомври. Маски на отворено мора да носат и жителите на Џенова.