Откако фотографиите од денешното рочиште за случајот „Таргет и Тврдина“, на кои поранешната министерска за внатрешни работи Гордана Јанкулоска е со лисици на рацете, беа објавени во јавноста, своја реакција имаше универзитетската професорка и поранешна министерка за правда Рената Дескоска. Иако не го спомена името на Јанкулоска, Дескоска алудирајќи на овие фотографии, на „Фејсбук“ посочи дека нема јавен интерес за ваквите објави.
-Јас не гледам јавен интерес во објавување на слики на лице лишено од слобода со лисици на рацете. Но гледам повреда на нејзиното достоинство и будење на ниски страсти кај публиката. Правилото „око за око, заб за заб“ не е правило врз кое треба да се заснова демократски систем кој ги почитува човековите права. Тоа значи дека демократска држава не спроведува мачење како казна на некој што мачел, или не извршува силување врз некој што силувал. Општеството не смее да се симне на нивото на криминалецот. Лошите пракси не смее да се применуваат, дури ни над оние кои ги применувале некогаш. ЧовековиПраваЗаСите! Без исклучок!, напиша Дескоска на „Фејсбук“.