Агенцијата за млади и спорт за еден ден му исплатила 50 милиони денари на сметката на извршителот Дашмир Саити од Тетово, а 22,13 милиони денари од оваа сума се за казнени камати. Ова наведува на тоа дека можеби се работи за една од најголемите присилни наплати што ги направил една извршителска канцеларија кон одредена државна институција.
На 10 септември се извршени осум трансакции од кои најголемите се 27,3 милиони и 22,13 милиони денари. Ова се случува во периодот кога актуелниот пратеник Дарко Каевски со одлука на Влада од 11 август повеќе не е директор на АМС, а за вршител на должност на оваа функција е запишан Измит Нура.
Од Агенцијата за млади и спорт потврдуваат дека е реализирано ова извршно решение и дека се работи за загубен судски спор, но поконкретно не соопштуваат кој е тужителот и која е причината за долгот, нита пак од кога датира.
– Причина за исплаќање на трансакциите се судски одлуки во кој Агенцијата за млади и спорт беше тужена страна во постапката. На име основен долг е исплатено 27.301.983 денари. На име казнени камати е исплатено 22.129.623. На име награда за извршно дејствие 217.710 денари, гласи одговорот од АМС.
Од Фактор.мк стапиле во контакт со извршителот Саити, кој ги потврдил трансакциите, но истовремено рекол дека не може да дава детали затоа што тој само го застапувал тужителот и дека нема право да зборува во негово име.
Агенцијата има годишен буџет од околу 8 милиони евра и ова би претставувало големо оптоварување, бидејќи истите пари би можеле да се инвестираат во некој капитален проект.
Извршувањето од 50 милиони денари е најголемата трансакција на АМЦ кон надворешни лица во текот на еден ден оваа година. Претходно, во февруари и јуни се исплаќале по околу 500.000 евра како помош главно за националните спортски федерации.