Папата во новата енциклика повика на „подобра политика“

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, повика во неделата на промена на начинот на размислувања, осудувајќи го „кусогледиот, екстремен, огорчен и агресивен национализам“ кој „сѐ повеќе е застапен“ во денешната политика.

Неговата порака е основата на неговата најнова енциклика „Сите сме браќа“ (Fratelli Tutti), во чиешто средиште е општествената правда.

Зборувајќи за „одреденото назадување“ во глобалната политика, папата Франциск напиша „Старите судири за кои мислевме дека се закопани, повторно изникнуваат, а во пораст се и примерите на кусогледиот, екстремен, огорчен и агресивен национализам“.

Според папата, „глобалната братска заедница втемелена на практицирањето на општественото пријателство на народите и нациите повикува на подобра политика, онаа која навистина е во служба на заедничкото добро“.

Осумдесет и тригодишниот водач на 1,3 милијарди католици во светот, истакнува дека пандемијата на коронавирусот би требало луѓето да ги вдахнува на помислата за глобалните приоритети.

„Кога оваа здравствена криза ќе мине, најлошиот одговор би бил уште повеќе да потонеме во грозничавиот консумеризам и новите форми на егоистично самозачувување“, оценува папата Франциск.

Папата се жали што денеска, во многу земји, преувеличувањето, екстремизмот и поларизацијата станале политичко орадие и ги обвини социјалните мрежи дека придонесуваат за пад на стандардот во водењето јавни дискусии.

Папата ја потпиша својата нова енциклика во саботата на гробот на свети Франциск во базиликата Асизи во италијанската покраина Умбрија. Базиликата на свети Франциск Асишки е впишана во листата на Светското културно наследство на УНЕСКО.

Свети Франциск Асишки бил монах познат по сиромашниот живот, љубовта кон природата и отфрлањето на насилството. Кога во 2013 година беше избран за папа, Аргентинецот Хорхе Бергољо го избра името Франциск и вооопшто е првиот католички поглавар кој се определил за името на средновековниот светец роден во богато семејство кој се чувствувал близок со сиромашните и се одрекол од богатството за да им служи на оние кои имаат потреба.

Претходните папски енциклики на Франциск беа „Светлината на верата“ (Lumen fidei) од 2013 година, и „Фален биди“ (Laudato si) од 2015 година, со кои повикуваше на заштита на планетата од климатските промени и на борба против сиромаштијата.