Маричиќ: Не е точно дека Судот во Стразбур одлучил аболицијата да важи

Министерот за правда Бојан Маричиќ на Фејсбук објави дека информацијата објавена во некои медиуми дека Судот за човекови права во Стразбур одлучил дека аболицијата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов важи – претставува „класична лажна вест“.

„Она што е точно е дека пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, одредени лица обвинети или осудени во постапките на поранешното СЈО почнаа постапка со која ги проблематизираат тековните судски постапки во Северна Македонија, од аспект на аболициите на Иванов“, наведува Маричиќ во објавата.

Тој посочува дека Eвропскиот суд за човекови права (ЕСЧП) на 25 септември 2020 година, на одговор до Владата доставил две групи на апликации кои се поднесени против државата пред овој меѓународен суд, a во однос на предмети кои се тековни пред домашните судови и се во врска со прислушкуваните разговори.

„Но, овие апликации не се одлучени од страна на ЕСЧП, туку на 25.09.2020 година, само се доставени на одговор до Владата на Северна Македонија, а постапката за нивно одлучување треба допрва да почне наредната година“, додава министрот за правда.