
Досегашната продуцентка на Филхармонија Тина Иванова од петокот е нов вршител на должност директор, откако Виктор Илиевски, кој ја извршуваше оваа функција поднесе оставка поради заминување во странство, објави Филхармонија на нивата страница на Фејсбук.
-Од петокот нов в.д. директор на нашата институција е Тина Иванова, која работеше како продуцент во Филхармонија. Виктор Илиески, кој беше директор на Филхармонија во изминативе три години поднесе оставка поради приватно и професионално заминување во странство. Институцијата од името на сите вработени му се заблагодарува за неговите професионални ангажмани и достигнувања, објави Филхармонија.

Тина Иванова е родена во 1976 година во Скопје. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје на отсекот по музикологија и музичка критика. Работеше во „Утрински весник“ од неговото формирање (1999), најпрвин како новинар и музички критичар во културната рубрика, а од 2007 до 2012 година и како нејзин уредник. Пред „Утрински весник“ работи како музички рецензент во Редакцијата за класична музика и како музички водител во Музичкото радио „Канал 103“, во Македонското радио, паралелно и како новинар во Македонската информативна агенција.
Досега има објавувано текстови во повеќе македонски списанија за култура. Редовен учесник е на музичко-научната манифестација „Струшка музичка есен“. Член е на Сојузот на композиторите на Македонија. Автор е на книгата „Документ 103“ која претставува публицистички труд за музичкото радио Канал 103, и за неа е добитник на престижната државна награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ за 2011 година. Во 2013 година ја издаде нејзината втора книга, романот „Кругови“, во издание на „Или-Или“.