Борбата против корупцијата, која е клучен чекор кон членство во Унијата, според Брисел бележи добар напредок во делот на истрага, гонење и судење на високопрофилни корупциски предмети, а посебно се поздравува работата на Комисијата за спречување на корупцијата и нејзината проактивна улога во оваа област.
„Корупцијата е сеприсутна во многу области и треба да се обезбеди попроактивен пристап од сите чинители инволвирани во спречувањето и борбата против корупцијата“, се вели во извештајот. Комисијата е децидна во оценката дека е неопходно што поскоро да се донесе Законот против дискриминација.
Комисијата сепак бележи напредок на државата во повеќето области. Во делот на правосудството, како темелна област во процесот на евроинтеграција, Комисијата цени дека треба да продолжи да се подобрува, но се нотира “добар напредок” во спроведувањето на реформската стратегија за судството. Во извештајот се најде и случајот „Рекет“ и пресудата против шефицата на поранешното специјално обвинителство, Катица Јанева.
Во делот на медиумите се бележи умерен напредок, но се нагласува дека тензиите се зголемени во текот на ковид 19 кризата и за време на изборната кампања. Предвремените избори комисија ги цени како добро организирани, но смета дека правната стабилност била поткопана со одлуките со законска сила носени за време на вонредната состојба. Комисијата истакнува дека “значајното зголемување на брзи постапки предизвикува загриженост и треба да биде ограничено”.
Подготвеноста на земјата за реформа на јавната администрација се оценува како умерена, со одреден напредок во однос на транспарентноста. Се критикува и фактот што нема вистински независни истражители за вршење на ефикасен надзор врз работата на полицијата кој ќе овозможи ефикасно справување со феноменот на неказнивост во полицијата. Потребни се исто така итни мерки за подобрување на состојбата во затворите и изнаоѓање алтернативни решенија за притвор и затвор.
Во делот за добрососедските односи, Комисијата нагласува дека Македонија треба да продолжи да ги негува односите со Грција и Бугарија и да ги спроведува билатералните договори.