
Аванистанскиот претседател Ашраф Гани ги повика во вторникот талибаните да се „осмелат да прогласат примирје на национално ниво“ по посетата на катарската престолнина Доха, каде што запнаа мировните преговори меѓу владата во Кабул и политичките претставници на екстремното исламистичко движење.
Претседателот Ган и по дводневната посета на Катар на прес-конференција рече дека долготрајниот судир во Авганистан треба да биде решен со преговори, а не со оружје.
„Не плашете се од примирјето, никој нема да ве уништи“, рече авганистанскиот претедател обраќајќи им се на талибаните пред голем број дипломати и студенти, три седмици по почетокот на мировните преговори меѓу двете страни.
Целта на преговорите во Катар е да се стави крај на деветнаесетгодишната војна во Авганистан, но тие се закочени поради различните ставови за правилата на однесувањето во текот на преговорите. За главните прашања, па така и за примирјето, сѐ уште не се разговарало.
„Деветнаесетгодишната војна не може да биде прекината за дваесетина дена“, изјави Гани за новинарите.
Претставниците на владата и на талибаните не се сретнале речиси цела седмица, но неофицијалните разговори и натаму траат, според изјавите од двете преговарачки страни. Меѓутоа, во меѓувреме судирите и натаму беснеат ширум Авганистан. Во понеделникот во бомбашки напад врз покраински гувернер загинаа осум луѓе.
Во Доха двете страни не успеваат да се договорат за тоа со кој јазик ќе се зборува и за верзијата на исламот која ќе исповеда. Талибаните, приврзаници на најстрогото ригидно толкување на исламот, сакаат да се исповеда ханефизмот, сунитска исламска школа. Меѓутоа, владините преговарачи предупредуваат дека тоа би можело да се искористи против етноконфесионалната заедница Хазари, кои главно се шиити, како и против другите авганистански малцинства.
Двете страни не можат да се договорат ниту за тоа како американско-талибанскиот договор потпишан во февраури, исто така во Доха, ќе влијае врз процесот. Американскиот пратеник за Авганистан, Залмај Калилзад, кој исто така престојува во Доха, објави на Twitter по разговорот со Гани дека „претседателот не би смеело да ја испушти можноста за мир“, додавајќи дека САД може да помогнат.