Над четири милиони Американци веќе гласале на претседателските избори

Според досега обезбедените податоци за предвремено гласање, бројот на Американци кои веќе гласаа пред официјалниот ден за гласање на претседателските избори, 3 ноември, е без преседан, што може да укаже на фактот дека ќе има рекорден одив на гласачи на изборите, на кои учествуваат актуелниот претседател Доналд Трамп и демократот Џозеф Бајден.

Четири недели пред изборите, веќе гласале повеќе од четири милиони Американци, далеку повеќе од околу 75.000 пред претседателските избори во 2016 година, забележува Американскиот изборен проект, во кој се собираат податоците за предвремено гласање, пренесуваат британските медиуми.

Поголемиот одзив е поттикнат од одлуката на многу држави да дозволат предвремено гласање и гласање преку пошта поради пандемијата на коронавирусите, но и од желбата да се донесе одлука за политичката иднина на Трамп, смета Мајкл Мекдоналд од Универзитетот во Флорида, кој го води проектот.

-Никогаш не сме виделе толку голем број луѓе да гласаат многу порано. Луѓето гласаат кога ќе одлучат кого да поддржат и знаеме дека голем број веќе одлучија и веќе имаат мислење за Трамп, рече Мекдоналд.

Поради наглото зголемување на бројот на гласачи кои гласаа порано, Мекдоналд предвидува рекордна излезност од околу 150 милиони, што е 65 проценти од Американците со право на глас, и тоа би бил највисок процент од 1908 година, пренесува Гласот на Америка.

Според анкетите на националното мислење, Бајден има предност во однос на Трамп, иако истражувањата во сојузните држави што можат да го одлучат победникот на изборите укажуваат на тесна трка меѓу двајцата кандидати.