Груевски: Да се избориме вечно да го славиме 11 Октомври таков каков што бил, а не како што некој сака да ни наметне

Никола Груевски на својот фејсбук профил се огласи по повод Денот на народното востание-11 Октомври.

-Денес има повеќе политички затвореници и политички прогонети лица во Македонија од страна “македонската власт” одколку на 11.Октомври 1941 година од окупаторската. Жртвите се оние кои не се согласуваа со кршењето на уставот и законите по однос на националните прашања, промената на името Република Македонија и уставот со таа цел, како и промена на идентитетот и историјата на Македонците, по теркот и како што бараа некои други. Најголемиот дел се припадници или подржувачи на една политичка опција со која повеќе од една деценија пружија аргументиран и правичен отпор зад кој стоеја убедливото мнозинство Македонци. Тие се сега одбрани, со прогонот врз нив, власта да демонстрира сила и пример, за останатите да живеат во страв дека и ним може да им се случи истото доколку посериозно им се спротистават во било што, вклучително и во понатамошното тргувањето со базичните национални интереси со кои некој сака да го оствари сонот кој некогаш неуспеал да го реализира со пушка и присилно.

Слава и чест на партизаните кои се бореа за ослободување од фашистичкиот окупатор и за создавање македонска држава. Нивната борба, на тие илјадници загинати и преживеани во војната храбри борци беше херојска и таа не треба да биде засенета од подоцнежното недемократско и свирепо владеење на комунистичкиот режим кое безмилосно се пресметуваше со неистомислениците и со патриотите. Партизаните се бореа за слободна Македонија и за реализација на идеалите на Делчев, Груев, Питу, Јане, Карев и останите чии имиња на чети ги носеа и чија жртва беше нивната водилка. Тие генерации, како и генерациите кои половина век претходно се бореа и се жртвуваа, заслужија држава. Направија историја, го зацврстија идентитетот и го издигнаа името до степен секој слободно и со гордост да кажува Македонија и Македонци и така сите да не нарекуваат. Не се помирија, го поразија и избркаа окупаторот. Се изборија за слободата и за државноста.
Нека е честит празникот 11 Октомври денот на востанието на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор.
Да се избориме вечно да го славиме таков каков што бил а не како што некој сака да ни наметне невистини за наводна граѓанска војна наместо востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор.
Нека е вечен празникот 11 Октомври – денот на востанието на Македонија и нека е вечна Македонија!