Најмалку 16 сватови загинаа при пад на камион во река во Бурунди

Најмалку 16 лица загинале а уште 55 други се повредени откако во саботата вечерта камион паднал во река во провинцијата Макамба на југот на Бурунди, изјави во неделата локален функционер.

Несреќата се случила околу 19,45 часот по локално време, кога камионот кој превезувал луѓе кои биле на свадба во селото Канда се урнал во реката откако под неговата тежина попуштила конструкцијата на дрвен мост, изјавил телефонски за агенцијата Xinhua, провинцискиот администратор Давид Ндикуријо.

Мостот, како што додал, очигледно не можел да ја издржи тежината на камионот претоварен со патници. Тринаесет лица загинале на самото место, а телото на дете е подоцна пронајдено удавено во реката, рекол Бдикуријо, дадавајќи дека уште две жртви им подлегнале на повредите во болница.

Истакнал дека возачот, кој по некое чудо останал жив, побегнал по инцидентот. Повредените се згрижени во три болници, но нема информации за нивната состојба.

Чести се ваквите трагедии во оваа источноафриканска земја, во која камионите го заменуваат автобускиот транспорт, и во која речиси и нема патна инфраструктура.