
На распишаниот конкурс за 200 професионални војници се пријавиле над 1.800 кандидати, тоа покажува, потенцира денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска, дека Армијата ќе се подмладува и може да се подмладува само ако се вложува во повисоки плати, во подобра опрема, во подобар имиџ и во подобри шанси за сите оние кои работат во Армијата.
Според неа, интересот на младите да пристапат кон Армијата, а што се гледа по тоа што за секое место има по девет кандидати, е резултат и на нашето членство во НАТО, меѓутоа и резултат на зголемените плати и на вратената доверба во Армијата, вратената доверба дека ова е професија што државата ја цени и на соодветен начин ја плаќа.
– Армијата секогаш ја враќала довербата во неа, успевала да одговори на задачи и во најтешки околности, но сега покажавме и дека државата си ги цени своите војници, своите офицери и младите луѓе од сите етнички заеници, и мажи и жени, тоа го покажаа со овој интерес – изјави Шекеринска, која денеска ги посети кандидатите за професионални војници кои во моментов се во фаза на физички проверки на Воениот стадион, во Скопје.
Таа очекува следната година да се зголеми и интересот за запишување во Воената академија и на тој начин да се подмлади не само војничкиот, туку и офицерскиот состав на Армијата.
– Нашата цел како Влада од почетокот беше да ја помладуваме Армијата и денеска можете да видите како Армијата се подмладува и како инвестирате во неа – рече министерката за одбрана, Шекеринска.