
Портпаролот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, потврди во вторникот дека таа ја напуштила Белгија откако одлучила да се самоизолира поради контакт со позитивен на коронавирусот.
Фон дер Лајен минатиот четврток го напушти самитото на челниците на Европската унија кој се одржуваше во Брисел откако дозна дека била во близок контакт со лице тестирано позитивно на коронавирусот. Нејзината прес-служба тогаш информираше дека таа е во самоизолација поради контактот, но дека продолжува со работа на далечина.
Нејзиниот портпарол, под притисок на новинарите, денеска призна дека Фон дер Лајен сепак ја напуштила Белгија и покрај тоа што била во контакт со позитивно лице.
Портпаролот, Ерик Мамер, инсистира дека нејзиното напуштање на државата не е спротивно на правилата и инструкциите на белгиската влада, затоа што „превентивна самоизолација не исто што и карантин“.
„Таа го напушти Брисел за да се стави во самоизолација, не е едноставно да се спроведе самоизолација во зградата Берлемон каде таа живее и работи’ рече Мамер.
Фон дер Лајен на почетокот на нејзиниот мандат одлучи дека ќе престојува во зградата на Европската Комисија каде се наоѓаат и нејзините канцеларии.
Според белгиската новинска агенција Belga, фон дер Лајен се наоѓа во Германија.
Таа оваа седмица требаше да се сретне и со македонскиот премиер, Зоран Заев, но средбата беше откажана поради нејзината самоизолација.