
Италија денеска го презема ротациското претседателство со ЕУ, откако тоа во првите шест месеци од 2014 година и беше доверено на Грција, наведуваат италијанските весници „Кориере дела сера“ и „Стампа“.
Во следните шест месеци италијанското претседателство ќе работи на три основни прашања битни за ЕУ – економскиот раст, вработувањето и имиграцијата.
По повод преземањето на претседателството со Унијата италијанскиот премиер Матео Ренци подвлече дека овие шест месеци Италија ќе се погрижи да ги убеди младите луѓе дека ЕУ е унија од држави во кои луѓето може да имаат надеж.
Италијанското претседателство со ЕУ ќе мине во знакот на штедење. Рим предвидува за него да потроши 68 милиони евра. Тоа е многу помалку во споредба со 170-те милиони, што Париз ги потроши за време на последното француско претседателство или 62-те милиони евра потрошени од Литванија.
За време на италијанското претседателство со ЕУ ќе почне да заседава новиот Европски Парламент и ќе се изберат водечките политички фигури во ЕУ – претседателот на ЕП, претседателот на Европскиот совет, претседателот на ЕК, првиот дипломат на ЕУ и европските комесари.