Директорот на струмичката болница Наќе Гогов, за телевизијата 24, Студио 10, тврди дека состојбата во тој град е алармантна, капацитетот на болницата е преполнет од се повеќе болни пациенти кои се лекуваат, а медициснкиот персонал е на крајот на силите.
Струмица заклучно со вчера регистрираше 588 лица заболени од ковид, а во моментов 358 се активни, и 19 починати. Ситуацијата ескалираше последниов месец.
-Состојбата во општа болница Струмица е алармантна. Бројот на пациенти кои бараат помош е се поголем. Зголемен е бројот на пациенти кои се тестираат овдека и излегуваат позитивни. А зголемен е бројот и на пациенти кои треба да се лекуваат во болницата. Ова е алармантна состојба, бидејќи ние до пред еден месец немавме така зголемен број на пациенти, имавме од два-три до пет, и тоа беше подносливо и за персоналот, и за сместување и за лекување. Сега состојбата е влошена, имаме голем број пациенти кои треба да се лекуваат во болницата во Струмица, но капацитетите засега се пополнети, рече Гогов
На Инфективното одделение во болницата е исполнет целиот капацитет, сите кревети се пополнети од пациенти кои се лекуваат, плус пациенти кои доаѓаат на дневна болница и така ја примаат терапијата препорачана од инфектолозите.
-Тежината на персоналот кој работи во болницата е огромна и нивната издржливост веќе е при крајот, тие се на крајот на силите. Настојуваме да го одржиме тонусот на работата на Инфективното одделение, рече Гогов.
Во болницата биле додадени 19 нови кревети, и бил проширен капацитетот, но сега и тие места се пополнети.
-Сепак, состојбата засега е алармантна и капацитетите се исполнети до последен, вели Гогов.
Тој укажува дека ако продолжи состојбата како што е до сега, треба да се планира нов простор кој би примил уште неколку кревети.
-Постојано бараме помош од МЗ ако може да се најдат колеги инфектолози кои би помогнале, но во блиско опкружување нема инфектолози кои би помогнале. Бараме и медицински сестри, бидејќи постојните не можат да го издржат ова темпо на работа“, нагласи Гогов.