Кога зборуваме за дигитализација како за четврта револуција, 5G-мрежата ќе предизвика многу попозитивни ефекти отколку појавата на електричната енергија и ќе биде инструмент за трансформација, односно за дигитализација на традиционалните индустрии, истакна денеска премиерот Зоран Заев по потпишувањето на Меморандум за разбирање за безбедност на 5G технологиите, со потсекретарот за економски раст, енергија и животна средина во Владата на САД, Кеит Крач.
Премиерот нагласи дека со Меморандумот Македонија и САД ја потврдуваат својата желба да ја зајакнат соработката поврзана со спроведувањето на 5G технологијата.
– 5G ќе овозможи огромна низа нови апликации, вклучително и обезбедување клучни услуги за јавноста што ќе им користат на нашите граѓани и на нашата економија. Зголемените количини на податоци на 5G-мрежите дополнително ќе ги поврзат економиите во светот, вклучително и Република Северна Македонија и САД и ќе ги олеснат прекуграничните услуги и трговијата -рече Заев.
Крач нагласи дека мрежите ќе бидат од витално значење за економски просперитет и стабилност во регионот.
– Чистата мрежа е сеопфатен пристап да се адресираат долгорочните закани за приватноста, безбедноста, соработката и човековите права -рече Крач.
Тој посочи дека неговата мисија е да донесе што е можно повеќе приватни инвестиции во Македонија.