Шилегов: Лиценца „инспектор за …“ е глупост. Или си инспектор за сите области, или не си

На дебатата „Како до ефикасни и независни инспекциски служби во Скопје“ што ја организираше НВО Инфоцентарот, скопскиот градоначалник Петре Шилегов се осврна на неколку проблеми со кои се соочуваат општинските инспекторати, како и на потребата од итно менување на постојната регулатива.

„Јас би ги укинал централните инспекции, целосно да не постојат, да не постои државен инспекторат. Може да постои државен орган којшто ќе врши контрола на инспекторирањето на општинските инспекции, дури ни пазарната инспекција не смее да биде централна. Различни ни се приоритетите како органи. Недавањето на градоначалниците моќ или оставањето можност за институционален пинг-понг е причина поради која се наоѓаме во ваква состојба на терен. На пример, јас сакам да спроведам акција на Битпазар. Треба да се молам со Пазарна. Да не бидам лошо разбран, не велам дека е лоша соработката. Но, мојата правна позиција е дека треба да се молам со пазарната инспекција. Понатаму, во Железара има улица која ги дели општините Гази Баба и Бутел. Инспектор за животна средина од Бутел фаќа на лице место сторител како исфрла шут, човекот се легитимира, но шутот го исфрла десно, во Гази Баба. И инспекторот не му може ништо. Скопје е многу поспецифично од другите единици на локална самоуправа имајќи го предвид дуализмот во локалната самоуправа, затоа одлучивме дека е паметно ова што го имаме како концепт, додека не се реши системски што со комуналната полиција. Еве да го отвориме предизвикот – да ги укинеме државните инспекции, имаме најкатастрофален Државен инспекторат за животна средина, со многу субјективни слабости, јас така ги дефинирам некои појави за кои сме сите свесни дека постојат. Па, Градскиот инспекторат излегува да мери ниво на загаденост на реки, па градски инспекторат фаќа криминал со медицински отпад. Медиумите се тука, прашајте ги обвинителите до каде се со тој предмет. Знаете дека стои? По прес-конференцијата тогаш, пред пандемијата, се крена малку фама, почнаа некои дописи, дојдоа некои истражители, фати пандемијата и се е под радар. Затоа системот за кој ние воочуваме дека е нефункционален треба да се исправи, со законски измени“, изјави Шилегов.

Како што истакна Шилегов, од тие причини се предлага регионален пристап во инспекторирањето, имајќи предвид дека не сите општини имаат капацитет да издржат инспекторат на свој грб, ниту пак имаат толкав човечки потенцијал.

„За мене, со целосна почит, имањето лиценца за „инспектор за …“ е една од поголемите глупости. Или си инспектор за сите области, или не си. Така ќе супституираме многу од луѓето кои ни фалат, на пример, имаме инспектор за животна средина, ама немаме градежен. Што ни фали истиот човек да може да ја обавува инспекциската работа? Јас сакам чекор по чекор да ги реализирам работите – ќе го направиме унифицирањето на инспекциските служби во општините од територијата на Град Скопје, ќе инсистирам до крај за носење на закон за комунална полиција која што не е само скопска, туку напротив, предвидува можност за регионализација, па ќе дојдеме до тоа дека треба да се укинат лиценците за инспекции, па ќе го предизвикаме државниот инспекторат. Ако државниот инспекторат за градежништво утврдил дека е „англиска кралица“, поднел иницијатива да му се смени статусот да биде активен во предметите или си седат сега? И викаат „ние немаме моќ“. Тоа е типично македонско однесување, „ова не е моја надлежност“. Па, Градот се вмешува во работи што не се негова надлежност – да утврди состојба на вода во река Вардар, да утврди дека на определена локација се прават глупости со медицински отпад, па дигаме на граница на законот возила зашто немаме наша комунална сообраќајна полиција и не можеме со сообраќајна полиција да се договориме каде е приоритетот“ – вели Шилегов.

Тој додаде дека категоријата на морална и човечка одговорност, надвор од политичката одговорност, за носителите на јавна функција е сериозен недостаток на нашето општество.

„Или ќе ја оправиме работата или ќе треба да си заминеме. „Ама ние немаме законска ингеренција“, а имате ли поднесено иницијатива да добиете законска ингеренција? Секој во микросветот во којшто ги водиме институциите знае каде се аномалиите и знае зошто не може да интервенира во некој случај. Па чекајте, многу е едноставно, правите допис – иницијатива, пишувате до Влада, Секретаријат, законодавство, се составува работна група, се подготвува текст, за месец дена излегуваат измените и дополнувањата. Особено, ако го знаете, може и готов текст да пратите во Влада, како што ние пративме за закон за комунална полиција. Мислам дека е многу покомотна позицијата да кажуваме дека немаме ингеренции. А дефинитивно не се сложувам дека тоа треба да се централизира. Како вие овде во Скопје, како државен градежен инспекторат, ќе знаете дека Гевгелија има дивоградба? Па, таму Поцков ќе си има свои инспектори и ќе си ја заврши работата регионално – Гевгелија, Валандово… ги кажувам единиците на локална самоуправа што немаат капацитет, но во ред е, ќе ги здружиме. Ние во Скопје ако се здружиме ќе имаме над 100 луѓе на терен. Ако ја тргнеме ступидноста на имањето лиценци тогаш ќе имаме 100 и кусур луѓе на терен за се. Е, тогаш ќе се прашаме дали ќе имаме случаи како Матка и Мавровка, ги кажувам како најекстремни. Имаме зад параван, каде што не се гледа, милион такви случаи. Треба поодговорно да ја сфатиме функцијата која што ја имаме и да овозможиме да се формира систем кој што е функционален. Добриот дел од работата е што во СДСМ тоа го имаме увидено. И во програмата на Владата, ако видите, добар дел од овие работи за кои зборувам, а за кои сме се бореле внатре во партијата да влезат во приоритети, влегоа во приоритети и се во Програмата на Владата како измени на законски текстови или носење закони“ – вели Шилегов.