
Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 35-годишен шпански државјанин со престојувалиште во Скопје, кај когопри рутинска контрола се пронајдени хероин и кокаин.
– Осомничениот, на 28 октомври, на улицата „Цветан Димов“ во Скопје, во внатрешниот лев џеб на јакната заради продажба неовластено држел едно полиетиленско пакување наркотична дрога – хероин во вкупна нето маса од 10,39 грама и две полиетиленски пакувања наркотична дрога – кокаин во вкупна нето маса од 0,70 грама. Дрогата била пронајдена и одземена при рутинска контрола и личен претрес на осомниченото лице – информираат од ОЈО.
Јавниот обвинител достави предлог за определување мерка притвор на осомничениот, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, како и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело.
Против лицето постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.