Рекорден број на починати во Унгарија

Бројот на починати од коронавирус во Унгарија достигна црн дневен рекорд од 65 пациенти во последните 24 часа, додека бројот на потврдени случаи на зараза во еден ден скокна на 3.286, објавија денеска унгарските здравствени власти.

Дневниот број на заразени вчера беше 2.194.

Владата не најави нови рестриктивни мерки и покрај високиот скок на бројот на инфицирани, но премиерот Виктор Орбан истакна претходно денеска дека властите ќе го казнуваат секој оној кој не носи маска на местата каде што се бара тоа.

„Не верувам во зголемувањето на прописите туку во спроведување на постоечките прописи“, рече Орбан во радио интервју.

Главниот унгарски здравствен функционер рече вчера дека носењето на маски ќе биде задолжително во рестораните и баровите со исклучок додек се конзумира храна или пијалок. Полицијата ќе има овластување да затвори места каде прописите не се спроведуваат.

Во Унгарија од почетокот на пандемијата се забележани 71.413 случаи на зараза, а 1.699 лица починаа.