Почина славниот актер Шон Конери – икона на филмовите за Џејмс Бонд

Почина славниот шкотски актер Шон Конери на 90-годишна возраст.

Шон Конери со прослави со улогата на тајниот агент Џејмс Бонд. Шон беше првата ѕвезда што ја играше улогата на агентот 007 на големото платно и се појави во седум хит филмови во оваа позната франшиза.

Семејството на Конери потврди дека тој починал, но не даде причина за смртта. Сепак, Би Би Си објави дека тој починал навечер, во сон, додека бил на Бахамите.

Легендарниот шкотски актер е познат по многу филмови, вклучувајќи ги „Лов на црвениот октомври“ „Карпата“, „Индијана Џонс и последната крстоносна војна“, „Недопирливите“, „Името на розата“ и многу други.

Добитник е на голем број филмски награди, меѓу кои и Оскар за најдобра споредна машка улога во „Недопирливите“ во 1988 година, две награди БАФТА и два Златни глобуси.

Шон Конери активно се злагаше за самостојност на Шкотска.

Конери доби титула почесен витез од кралицата Елизабета во 2000 година. Но, тој е подеднакво сакан и почитуван од неговите колеги Шкоти. Поранешниот шкотски премиер Алекс Салмонд реагираше на смртта на Конери, опишувајќи го како „најголемиот Шкотланѓанец во светот, последен од вистинските холивудски sвезди, совршениот Бонд“.