Никој од Владата досега не реагираше на изјавата на бугарската министерка за надворшени работи Екатерина Захариева која вчера тврдеше дека Македонија треба да признае дека македонските јазик и идентитет се со бугарски корени. Сепак изјавата испровоцира доста реакции. Гералд Кнаус од ЕСИ и Флориан Бибер од Универзитетот во Грац, преку Твитер, споделија свои ставови за ставот на шефицата на бугарската дипломатија.
„Замислете Германија да инсистира дека Австрија треба да признае германските корени, заканувајќи се со тензии ако не го направи тоа!„Замислете Шведска да ѝ го прави тоа на Норвешка. Чесите ова да им го кажат на Словаците. Апсурдно? Да! Тоа е она што го прави Бугарија, уривајќи го кредибилитетот на политиките на ЕУ за Балканот“, пишува Кнаус од Европската иницијатива за стабилност.
Флориан Бибер, професор на Универзитетот во Грац кој е добар познавач на состојбите на Балканот напишал:
„Ернест Ренан го знаеше тоа подобро: Постоењето на нација е секојдневен референдум, исто како што постојаното постоење на индивидуа е вечна афирмација на животот“, вели Бибер.
Бугарија не го оспорува правото на Република Северна Македонија на самоопределување, ниту нивното право да го нарекуваат својот јазик како што сакаат. Ние сме подготвени да ја потврдиме сегашната реалност, но тие треба да ја признаат историската вистина, рече Захариева за Ројтерс.
– Нашата загриженост е поврзана со постојаните тврдења на РСМ кон македонско малцинство во нашата земја. Ако тие ги препознаат корените на нивната нација и јазик, ова ќе заврши, додаде таа.