Грција бележи рекорд на новозаразените со коронавирусот, трет ден со ред над 2.000 случаи

Втор ден со ред Грција во средата бележи повеќе од 2.000 нови случаи на зараза со коронавирусот, откако во изминатите 24 часа се регистрирани 2.646 новозаразени, што е рекорден број за земјата на дневно ниво.

Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, зголемен е бројот и на починати, вкупно 18, додека пак на респиратоди и на механичка вентилација се приклучени 179 пациенти, односно десет повеќе од ден претходно.

Една третина од денешните 2.646 случаи, односно 823 се регистрирани во Солун, во областа Атика, односно поширокиот дел на галвниот град Атина, пријавени 588 од новозаразените, а другите случаи се потврдени во 48 различни региони во Грција.

Од почетокот на епидемијата во земјата се регистрирани се 46.892 случаи на коронаинфекции а починаа вкупно 673 лица.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис заедно со шефот на Комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција, професорот Сотирис Циодрас, утре напладне ќе излезат со соопштенија за справување со епидемијата, а ќе одговараат и на новинарски прашања.

Сѐ поверојатно е дека ќе бидат соопштени нови мерки или само за областа Атика (поширокиот регион на Атина) или за цела Грција. (МИА)