Штабот на Трамп бара прекин на броењето на гласовите во Мичиген поради немање пристап на пребројувањето

Избпрнипот штаба на американскиот претседател Доналд Трамп побара од судот во Мичиген прекин на пребројувањето на гласовите во оваа сојузна држава и ќе побара итно пребројување на гласовите во Висконсин, повикувајќи се на „извештаи за неправилности“.

„Поднесовме тужба пред Апелациониот суд во Мичиген за да се запре пребројувањето на гласовите сѐ додека не ни се овозможи соодветен пристап. Исто така, побаравме повторно да се проверат сите гласачки ливчиња кои се веќе пребрени додека немавме пристап“, се наведува во соопштението на кампањата на републиканскиот претседател.

„Има извештаи за неправилности во неколку окрузи во Висконсин кои предизвикуваат сериозни сомневања за валидноста на резултатите. Претседателот повикува на итно пребројување на гласовите и ние тоа веднаш ќе го побараме“, се наведува во соопштението од изборниот штаб на Трамп.

Претходно Трамп изјави дека демократите насекаде „наоѓаат“ гласови за кандидатот Џо Бајден за да ја прекине предноста на републиканците. Рече, исто така,  дека е „многу чудно“ што за една ноќ во некои држави каде што тој беше во предност, наеднаш Бајден имаше водство.

Трамп истакна и дека во Мичиген, исто така, се појавиле гласачки ливчиња со кои сега не му се овозможува на кандидатот на Републиканската партија, Џон Џејмс да влезе во Сенатот, иако уште е во ведство. „

„Се чини дека Мичиген нашол ливчиња кои му беа потребни да го спречи прекрасниот млад човек Џон Џејмс во Сенатот. Каков ужас се случува!“, напиша Трамп на Twitter.

Во моментов, Џејмс кој имаше солидно водство сега има 49,17 отсто од гласовите, а демократот Хари Питерс сега има 48,98 отсто од гласовите, што според американскиот изборен закон му овозможува да побара пребројување на гласачките ливчиња. Истото важи и за приговорите вложени од кампањата на Трамп.