Мицкоски: Има добра основа за идна коалиција со албанските опозициски партии и опозициски фронт

Лидерот на најголемата опозциска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оцени во саботата дека постои „добра основа“ за идна коалиција со опозициски албански партии во Македонија, имајќи ја предвид дека и тие доаѓаат од конзервативниот спектар и од центарот на политичката сцена.

Изјавата на Мицскоски доаѓа ден по одржаната панел дискусија во организацијата на  фондацијата „Конрад Аденауер“ блиска на германските демохристијани, а на која учествуваа и претставници на најголемите опозициски партии во Албанија и Косово, и беше поздравена од висок претставник на Европската народна партија (EPP).

„И во текот на вчерашниот ден и за време на настанот споменав дека природата на нештата ги поврзува политичките партии, станува за центар десни и конзервативни политички партии, логично е дека и идеолошки но и на ниво на политичка програма има сериозен простор за соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива. Вчера имавме навистина еден прекрасен панел организиран од страна на фондацијата „Конрад Аденауер“ којшто е наш стратешки партнер како ВМРО-ДПМНЕ, а во иднина ќе бидат организирани други вакви настани“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во изјава за вестите на телевизија Алфа.

Мицкоски додаде дека многу важен сегмент за да се изгради партнерство особено политичко е довербата.

„Мислам дека довербата почнува да се гради и тоа на едно сериозно високо ниво, очекувам дека во следните вакви настани таа доверба само ќе се зголемува. И очекувам да отидам и чекор понапред од она што го кажав вчера, а тоа е да кулминира со една заедничка коалиција пред одржувањето на локалните избори и заедничка поддршка на кандидатите за градоначалници“, нагласи Мицкоски