Македонската литература изобилува со дела, знајни и незнајни, родољубиви и љубовни, преполни со чувства изворни токму од македонскиот народ. Преку делата, денес дознаваме многу за животот во минатото, за убавите мигови на нашиот народ, но и за лошите. Дознаваме за свадбите, за адетите, за славите. Но, дознаваме и за смртта, за болестите кои го навјасале македонскиот народ и за нивната борба со нив. А, можеби најдраго ни е кога преку македонската литература дознаваме како се создаваше и растеше Македонија низ вековите. Борбата за опстој е најпрепознатлива за македонскиот народ. Токму сега, во времиња кога сме соочени со зачувување на нашето наследство, Македонски Збор започна да создава оставнина за идните генерации.
Македонски Збор е иницијатива на неколку ентузијасти кои што поведени од љубовта кон Македонија и почитта кон пишаниот македонски збор, решаваат на свој начин да придонесат за македонската историја и иднина. Тие создаваат видео содржани од македонски дела, интерпретатор кој што гласовно го интерпретира делото и графички дизајн на познатиот карикатурист, под псевдонимот Седо Перо, кој креира македонски мотиви инспирирани од сцените во делото.
Последно дело кое што го креираше Македонски Збор е извадок од романот „Пиреј“ на незаменливиот Петре М. Андреевски. Велика е горда македонска жена, мажена за Јон кој што заминува да се бори на фронтот и ја остава сама со петте деца, Ангеле, Капинка, Роса, Здравко и Ѕвездан. Сите ѝ умираат на раце на Велика. Сите ги испраќа во смрт, сама без никого, олицетворувајќи ја маката и силата на македонската жена во војните. Маестралниот Петре М. Андреевски во „Пиреј“ ни го претставува проклетството на Македонецот кој никогаш не потклекнал. Затоа што Македонецот е пиреј, ниедна војска не го убива, ниедна неправда не го колеба.
Од Македонски Збор порачуваат: „Мајка раѓа, не дај Боже мајка да испрати! Со крв, во болест, во немаштија, во војни! Многу Македонци отидоа, повеќе Македонци се родија! По Ѕвездан се роди Роден. Се роди надеж, светлост, се роди род!“.
Во продолжение погледнете го и слушнете го видеото со извадок од „Пиреј“:
Иницијативата Македонски збор досега ги документираше во видеа Заклетвата на ВМРО, „Ленка“ од Кочо Рацин, „Откако те нема“ од Петре М. Андреевски, „Бесмртно писмо“ на незнаен јунак, „Македонија“ од Анте Поповски, „Октомври“ од Видое Подгорец и „За Тоше Проески“ од Гане Тодоровски.
Посетете го нивниот YouTube канал за да ги проследите сите дела на Македонски збор. Исто така, Македонски збор можете да го најдете и на социјалните мрежи Facebook, Instagram и twitter за да ги следите нивните активности во оживувањето на големите македонски дела кои што се запишани низ минатото.