Барса понуди 75 милиони евра за Суарез, Ливерпул побара 94

Сите фудбалски медиуми во Шпанија и Англија ја пренесоа сензационалната информација дека раководните лица на англискиот премиерлигаш Ливерпул и на каталонскиот гигант Барселона ги започнале преговорите околу најавениот трансфер на контроверзниот репрезентативец на Уругвај, Луис Суарез.

Во текот на вчерашниот ден, извршниот директор на “црвените” од “Емфилд”, Иан Аире имал состанок со потпретседателот на Барселона кој потврди дека шпанскиот клуб е подготвен да одвои околу 75 мил. евра за обештетувањето на 27-годишниот напаѓач.

Англиските медиуми се убедени дека двата клуба ќе најдат заеднички јазик до крајот на летниот преоден рок иако првата понуда на каталонскиот гигант е далеку од понудата која ја посакуваат раководните лица на Ливерпул.
Англискиот клуб моментално бара околу 94 мил. евра за обештетувањето на Суарез, но поголема е веројатноста дека Ливерпул ќе заработи околу 85 мил. евра од продажбата на контроверзниот напаѓач.