
Рускиот претседател Владимир Путин кажа колку луѓе загинале во регионот Нагорно – Карабах каде војуваа Ерменија и Азербејџан.
Вели дека загинаа повеќе од 4.000 луѓе, вклучувајќи и цивили, а над 8.000 се повредени.
Путин објасни дека бројот на избеганите во зоната е над 10.000.
На 9 ноември е потпишана трилатералната декларација меѓу лидерите на Азербејџан, Ерменија и Русија која „овозможи целосно запирање на крвопролевањето и стабилизација на ситуацијата“.
„Гранатирањето и борбите се целосно запрени“, рече Путин и додаде дека руските мировни сили се разместени долж линијата на контактот.
Тој изрази надеж дека самиот збор „судир“ повеќе нема да биде користен за опишување на ситуацијата во Нагорно – Карабах.
Етничката ерменска енклава ќе опстане, но значително помала во однос на територијата која ерменските сили ја контролираа на почетокот на конфликтот, откако ги загубија вториот најголем град и повеќе помали места и села.
Сепак, овој дел ќе биде под контрола на руските мировници, поврзани со Ерменија преку коридор.
Ерменците ги палат своите домови и ги напуштаат затоа што териториите каде живеат ќе му припаднат на Азербејџан со договорот кој е потпишан.
Жителите на градот Карвачар во регионот Нагорно-Карабах започнаа да ги палат своите куќи, по објавата за предавање на некои територии на Азербејџан.
Тие ја изнесуваат покуќнината и животните пред да го напуштат градот. На северниот пат е забележан голем број на автомобили, комбиња и камиони.