
Интегрално соопштение на Здружението на лекари по општа семејна медицина -ЗЛОМ СМ:
Во името на членовите на Здружението по општа и семејна медицина, би сакале да Ви се обратиме со ова Протестно писмо како одговор на информациите изнесени во некои медиуми во кои се бара одговорност и вина од матичните лекари за зголемениот број на компликации и хоспитализации кај пациенти во овој период.
Би сакале да Ве информираме Вас, како и пошироката јавност, а особено нашите пациенти, дека ние како Здружение на лекари по општа и семејна медицина од почетокот на пандемијата сме конструктивни во предлагање на решенија за проблемите со кои се соочуваме. Доказ за тоа се дописите до Комисијата за заразни болести и Министерот за здравство кои се објавени на нашата веб страна, а за кои до сега не добивме ниту еден одговор. Во Комисијата за заразни болести за жал нема претставник на матичните лекари и со самото тоа ние сме ставени во позиција одговорно да ги спроведуваме одлуките и протоколите донесени од членовите на оваа комисија. Истата нема увид во обемот и тежината на работата на матичните доктори
Матичните лекари ја имаат улогата да бидат први и последни во грижата за здравјето на своите пациенти. Тие секогаш стојат во првите борбени редови, и се оние кои управуваат со последиците од непредвидените ситуации и продолжуваат да обезбедуваат грижа и третман.