Јорданов: Обвинителството да го истражи случајот во болницата во Штип

Време е и јавното обвинителство да го истражи третманот на пациентите во болницата во Штип, затоа што бројот на починати и заразени е застрашувачки, предупреди денеска ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Иван Јорданов тврди дека лично го предупредил министерот за здравство, Венко Филипче за состојбите во штипската болница и недостатокот на кислород кој им е неопходен на пациентите заразени од ковид-19.

– Филипче заедно со директорот ги игнорираа овие апели од мене и од јавноста и тоа за жал чинеше човечки живот. Знаеја дека има недостаток на кислород, не постапија и продолжија со мантрата дека се е под контрола.Контролата одамна е изгубена. Загубен е човечки живот, прстот е вперен кон Филипче и затоа оставка веднаш.И наместо министерот за здравство да иронизира, а директорот на Клиничката болница во Штип дрско да се однесува со неистомислениците, време е и
двајцата да преземат одговорност за злочинот кој го прават на граѓаните од Источна Македонија – вели Јорданов.

Според него, власта остана глува на повиците за состојбите, поставување на ветениот монтажен ковид-центар и конечно завршување на новата Клиничка болница во Штип, која 4-та година е во застој.

– Фејсбук сведоштвото на младата девојка која ја изгуби мајка си, поради нефункционирањето на системот и слабата организациона поставеност, даде причина повеќе овие двајца да ги напуштат функциите!Овој двоец на менаџерски тим, четврта година ги оставаат граѓаните од Истокот без нова Клиничка болница и цела година без ветениот монтажен ковид- центар. Ова придонесе, граѓаните да бараат спас за својот живот во скапото приватно здравство. Неодговорниот пристап на раководните структури и слабата организациска поставеност, допринесуваат секојдневно да броиме мртви меѓу роднините и пријателите, додека ковид профитерите заработуваат на грбот на сиромашниот народ – вели Јорданов.