Австрија, по истекот на мерката за „заклучување“, како што најави канцеларот Себастијан Курц, ќе спроведе масовно тестирање на населението за коронавирусот.
Според планот за тестирање, на 5 декември, ден пред истекот на мерката за „заклучувањё“, ќе започне тестирањето на наставниците, а потоа и на полицајците.
Првиот викенд од декември ќе бидат тестирани сите вработени во државните училишта, како и персоналот во градинките – околу 200.000 луѓе.
На 7. и 8 декември ќе се спроведе тестирање на сите околу 40.000 полицајци, а непосредно пред католичкиот Божик се планира пошироко тестирање на населението, на доброволна основа.
Во првите недели од декември ќе се спроведе бесплатно тестирање во општини со високо ниво на инфекција.
– На почетокот на следната година се планира ново масовно тестирање во целата земја – соопшти Владата.
Веќе се набавени седум милиони антиген брзи тестови, а се планираат и натамошни нарачки.
Трошоците за првите седум милиони тестови се околу 50 милиони евра.
Акцијата за масовно тестирање ќе ја спроведат Армијата и Министерството за здравство. Армијата веќе имаше искуство бидејќи и помагаше на Словачка во спроведувањето масовно тестирање таму.
Покрај овие мерки, се работи и на скрининг програма за заштита на домовите за стари лица.
Како што соопшти Владата, веќе се испорачани 315.000 тестови, а други три милиони се обезбедени.
Канцеларот Курц истакна дека тестирањето се врши на доброволна основа.
– Барам од населението да го поддржи овој проект и да учествува во него. Масовното тестирање е голема шанса за Австрија да најде начин за враќање во нормала до вакцинацијата, порача Курц.