
Ништо помало внимание нема да предизвика вториот денешен 1/4 финален дуел, пресметката помеѓу големите ривали од Јужна Америка, репрезентациите на Бразил и Колумбија.
Само поради предноста на домашниот терен и подршката на најверните фанови, Бразил тука ја има улогата на благ фаворит, но реални шанси за пласман во полуфиналната рунда имаат и репрезентативците на Колумбија кои до овој натпревар имаат совршен скор, четри победи од четри натпревари.
Селекторот на Бразил, Луис Филипе Сколари ќе може да смета и на услугите на најголемата ѕвезда, Неимар, кој се пожали на силна болка во десното колено по натпреварот против селекцијата на Чиле, додека најдобриот стрелец на Мундијалот, Џејмс Родригез ќе биде главното оружје на Колумбија и во овој натпревар.
“Сами ја прифативме таа мисија да бидеме светски шампиони. Кога ќе дадеш едно такво ветување, подобро е да го исполниш. Тоа го прават моите фудбалери, се обидуваат да го исполнат даденото ветување. Има уште три натпревари, уште три натпревари до рајот. Ќе ни биде се потешко и потешко. До сега, Неимар е најголемиот херој, но не знам дали ќе биде во комбинација за дуелот против Колумбија. Се надевам дека се ќе биде во ред со неговата здравствена состојба. Бразил има потреба од неговите услуги”, изјави предводникот на “кариоките”, Луис Филипе Сколари.