САД, Франција, Велика Британија и Германија го осудија говорот на Додик, му дадоа поддршка на Инцко

– Претставниците на САД, Франција, Велика Британија и Германија во Советот за безбедност на ОН синоќа го поддржаа високиот претставник во БиХ, Валентин Инцко, и го осудија говорот на претседателот на Претседателството на БиХ и лидер на СНСД, Милорад Додик, кој претходно остро го критикуваше.

На онлајн тркалезната маса по повод 25-годишнината од Дејтонскиот договор претставниците на САД, Франција и Велика Британија, исто така, го осудија величањето на „воените злосторници во БиХ“ и испратија зборови на поддршка за БиХ, пренесе Клик.ба.

Тие се согласија дека институцијата висок претставник во БиХ е неопходна, а американскиот амбасадор Рикард Милс оцени дека Инцко е потребен на БиХ во смисла на одржување на мирот и донесување важни одлуки.

-Ние силно го поддржуваме постоењето на таа институција и мислам дека треба да се преиспита одлуката што ја споменува Додик за тоа дека има пет наспроти два гласа за Инцко да ја напушти БиХ, рече Милс.

Тој се осврна и на Дејтонскиот договор, наведувајќи дека САД одиграле голема улога во неговото потпишување и дека оттогаш ја поддржуваат БиХ од дипломатски и финансиски аспект и дека и натаму ќе продолжат во таа насока.

Претставничката на Франција кажа дека „го поддржува Инцко и го осудува величењето на воените злосторства“.

Британската амбасадорка, Соња Фари, рече дека институцијата висок претставник во БиХ мора да се одржи. Таа го осуди „вербалниот напад“ на Додик и рече дека рускиот амбасадор, кој беше претседател на Советот за безбедност на ОН во октомври, требаше да ги покани членовите на претседателството на БиХ место политичките лидери. Фари оцени дека последица од тоа е говорот на Додик.

-Исто така, во никој случај не поддржувам величење на воени злосторници, рече Фари. Претходно, амбасадорот Гинтер Саутер, претставникот на Германија во ОН, исто така, го критикуваше Додик, осудувајќи ги, како што рече, навредите кон високиот претставник во БиХ и судиите на Уставниот суд на БиХ. Тој истакна дека вербалните напади и несоодветниот јазик не смеат да се толерираат.

-Мислев дека оваа средба ќе отвори можност за дијалог за ситуацијата во БиХ, а слушав многу долг монолог полн со лични напади врз високиот претставник. Не мислам дека ова е начинот на кој треба да зборува Советот за безбедност, додаде Саутер.

Во своето обраќање, Додик го критикуваше Инцко, нарекувајќи го монструм и странец кој соработува само со Бошњаците од Сараево и зборува само во нивно име.

Додик тврди дека Србија, Хрватска и Република Српска сакаат високиот претставник да ја напушти БиХ, како и 50 проценти од луѓето во Федерацијата на БиХ, и го обвини Инцко дека ги мрази Србите и зборува во име на бошњачкиот народ, а не во име на Дејтонскиот договор, објави РТРС.

Онлајн состанокот на амбасадорите на земјите членки на Советот за безбедност на ОН се одржа синоќа на предлог на рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензија,а на него учествуваше и претседателот на ХДЗ во БиХ, Драган Човиќ.

Лидерот на СДА, Бакир Изетбеговиќ, ја одби поканата да присуствува на состанокот.