Пендаровски сѐ уште не реагира, откако Заев го „правдаше“ како „неискусен политичар“ за ставови кон Бугарија

Премиерот и челник на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев, во интервјуто за бугарската новинска агенција БГНес емитувано во средата оцени дека шефот на државата Стево Пендаровски е „неискусен политичар“, во обидот да ја појасни неговата изјава за „живковистичка Бугарија“.

„Верувајте ми, претседателот Пендаровски е пријател на Бугарија. Тој не е толку искусен политичар како Зоран Заев, бидејќи пред тоа работеше за претседателите Борис Трајковски, Бранко Црвенковски, тој беше национален координатор за НАТО во мојата влада. Тој е сериозна јавна личност и е целосно посветен на пријателството со нашите соседи и Република Бугарија, и секако, на интеграцијата во НАТО и ЕУ ‘рече Заев.

Од кабинетот на Пендаровски за Гласот на Америка изјавиле дека тој нема да ги коментира ставовите на Заев изнесени во споменатото интервју, во коешто, меѓу останатото, премиерот истакна дека Бугарија не е фашистичка држава, а периодот во Втората светска војна не го нарече окупација, туку администрирање.

„Во тоа време, на почетокот, имаше администрација. После тоа, Бугарија се крена со антифашизам, се избори за слобода, за демократија и несомнено беше дел од антифашистичкиот фронт. Бугарските и македонските трупи ослободија територии – Крива Паланка, Куманово, целиот регион, Скопје и целиот овој дел “, кажа Заев.

Овие изјави подоцна во текот на денот предизвикаа експлозија од жолчни реакции на социјалните мрежи, и тоа особено од сегашни и поранишни сопартијци на Заев, од општествени дејци и новинари поддржувачи на политиките на социјалдемократите.