Центарот за комуникации со јавноста имаше соопштение, ниту ќе додадам, ниту ќе одземам нешто од соопштението. Оваа генерација има одговорност да ја внесе државата во структурите за коишто се бориме со децении, тоа се НАТО и ЕУ, истакна генералниот секретар на владејачкиот СДСМ, Љупчо Николовски, во одговорот на прашањето дали ќе бидек свикан Централниот одбор на партијата по барањето и најавата на поранешниот партиски лидер и шеф на државата Бранко Црвенковски дека ќе го замрзне своето членство во партијата.
„Оваа генерација и заедно сите влади и сите структури успеаја по децении со целокупна одговорност да носат храбри одлуки да станеме членка на НАТО. Имаме сериозна одговорност да ги придвижиме работите и да направиме се што е во наша можност да се оствари првата меѓувладина конференција, да започнат долгоочекуваните преговори со ЕУ со заштитен македонски јазик, со потврда на македонски идентитет, во рамки на сите меѓународни институции. Така што државата се движи во тој правец“, рече Николовски.
Посочи дека ова се „неповторливи години за нашата државност„ и за македонскиот народ.
„Мислам дека ја користиме секоја прилика со храбрите одлуки коишто ги донесе оваа земја да се остварат стратешките цели на државата. И се гордеам што сум дел од таа генерација на политичари коишто направија се да се остварат стратешките цели на оваа држава, а тоа се членството во НАТО и членството во ЕУ“, додаде Николовски.
Инаку во четвртокот Црвенковски по седум години отстуство од јавноста се огласи во однос на изјавите на премиерот Зоран Заев во врска со македонско-бугарските односи, и побара итно свикување на седница на Централниот одбор на партијата на којашто ќе биде донесен заклучок дека „искажаните ставови на сегашниот претседател Заев не се ставови ниту на Централниот одбор, ниту пак на СДСМ во целина“ и побара како основач и долгогодишен претседател замрзнување на неговото членство во владејачката СДСМ.
Како што наведе Црвенковски, ваквите изјави и ставови на Заев предизвикале огромна и неповторлива штета, како и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава.
„Затоа, почитувани мои сопартијци, повикувам под итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО ниту на СДСМ во целина. Да се реафирмираат уште еднаш ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ. Почитувањето и спроведувањето на таквите заклучоци да биде задолжително и без релативизрање за секој член на раководството на партијата и секој државен функционер предложен од СДСМ“, рече Црвенковски.