СДСМ јавно го повикува Мицкоски овие два дена, во име на националните и државните интереси, да одговори со кои структури во Бугарија интензивно соработува во овој период на штета на државните позиции – рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
– Во време кога се наоѓаме во многу важен период за македонската иднина, Мицкоски работи против интересите на сопствената држава, против итересите на сопствениот народ. Пример за тоа е лагата искажана лично од Мицкоски дека викендов се преговара во Софија на измислени, тајни средби, или, цитирам „овој викнед во Софија се распарчува Македонија“, како што вели самопрогласениот хистеричен политичар. Викендот помина. Не се распарчивме секако. Ниту пак имало официјални претставници во Софија, најмалку тајни средби како што излажа Мицкоски. Мицкоски е целосно разобличен! Целта со оваа срамна лага, невистина беше да и се наштети на државата. И тоа во време кога пристигна силна поддршка од нашиот стратешки партнер, САД, преку писмото од заменик помишникот државен секретар Филип Рикер. Од една страна, преку масовно ширење невистини и хистерично пласирање лажни вести ДПМНЕ прави обид за поткопување на државната позиција. Од друга страна, ДПМНЕ оркестрирано поттикнува конфликти, нетолеранција и поделби меѓу граѓаните – рече Кузеска.
Ова е реприза на хистеричниот Мицкоски исто како и процесот на разговори со Преспанскиот договор, додаде таа, кога секојдневно се ширеа лажни вести дека македонскиот иденитет ќе биде загрозен.
– И тогаш исто како и сега се ширеа лаги дека толку е со македонскиот идентитет, за да се покаже сосема спротивното, дека македонскиот е потврден и признаен. Ова е исто така реприза на лажните вести дека мигранти ќе се населуваат во земјава. Ова е истата матрица на поразениот Мицкоски кој години наназад освен лажни вести, сопки, деструкции и кочење на државата не понуди ништо друго. За македонскиот идентитет не се разговара, не може да се разговара и ниту ќе се разговара. Ние сме Македонци! Зборуваме македонски јазик кој нема бугарски корени! А македонската иднина е во и со Европа! Наместо да крие зад срамни соопштнија Мицкоски да излезе и да одговори: за кои структури во Бугарија одработува на штета нашиот народ? – рече Кузеска.