
Предводникот на македонските историчари во мешовитата комисија со Бугарија за телевизијата Алфа вели дека позициите на премиерот Зоран Заев нема да им наштетат, затоа што, како што истакнува Драги Ѓорѓиев, историските факти се над индивидуалните ставови на политичарите.
Прашањата што си ги поставува деновиве македонската јавнсот се дали со своите изјави и потези Заев ги ставил македонските историчари во подредена положба во однос на бугарските колеги со ставовите дека во Македоија имало бугарска администрација и дека Гоце Делчев е и македонски и бугарски револуционер, како и колку позициите кои премиерот ги изнесе во интервјуто за бугарската агенција БГНЕС ќе бидат причина за тоа македонскиот историски тим во разговорите на трети и четврти декември да се адаптира на неговото гледање на историјата?!
„Ставовите на премиерот Зоран Заев нема да ни ги врзат рацете и нема да не стават во подредена положба. Ние ќе се водиме според историските факти. Многу пати до сега имало изјави на политичари од Македонија и Бугарија за историски теми. Разговорите на трети и четврти декември ќе бидат он лајн за темите за кои разговаравме на последната средба. Меѓу нив и за Гоце Делчев”, смета Ѓорѓиев.
Неговиот бугарски колега Ангел Димитров рече дека за кажаното од Заев да се сфати сериозно е потребен меѓународен правен документ. Во него јасно би било кажано дека се прифаќаат нови позиции во согласност со договорот за добрососедство.
За политичкото оспорување на македонската историја и идентитет реагира и институтот за национална историја. Од институтот се осврнуваат на бугарскиот меморандум со кој како што велат оттаму цела нација и историска наука се квалификуваат како фалсификаторство и се повикува на ревизија на македонскиот народ и нација.
„Историјата и нејзината интерпретација мора да бидат детерминирани исклучиво од научна етика и претендирање кон објективност и во тој контекст не смее да се доведува во врска со потребите на политиката, ниту на било каков начин да биде условено од политичките влијанија, што е во целосна спротивност со европските демократски принципи” ,велат од институтот.
Голем број интелектуалци во двете земји го оспорија меморандумот со кој источниот сосед го оспорува постоењето на македонскиот јазик и нација. Бугарски историчари побараа и промена на официјалните ставови на Софија.
извор: alfa.mk