Со цел да се овозможи континуирана и достапна здравствена заштита за осигурениците но и туристите, денес во Пештани се отвори нов пункт на Здравствен дом Охрид. Ова ќе биде помошен пункт што ќе работи само за време на летната туристичка сезона, и тоа, од понеделник до петок во една смена, од 08 до 14 часот, а за време на викендите, кога напливот на туристи е зголемен, пунктот ќе работи во две смени, од 08 до 20 часот.
Како што истакна директорката на ФЗОМ, Маја Парнарџиева-Змејкова, во новиот пункт во Пештани ќе работат матични лекари, кои ќе можат да препишуваат 17 генерики, односно 127 заштитетни имиња на лекови.
„Овој пункт пред се е наменет да им се излезе пресрет на осигуреницитие, но и на туристите кои во текот на летните мессеци ги има во голем број во Пештани, да можат да добијат пред се навремени и квалитетни здравствени услуги, односно да не мораат да патуваат до Охрид. Во Пештани гравитираат доста голем број туристички населби кои во летниот период се полни со гости кои имаат потреба од здравствени услуги и со отворањето на овој нов пункт, ќе им се овозможи помошта од медицински тим да ја добијат веднаш,“ рече Парнарџиева-Змејкова.
Овој пункт истовремено ќе придонесе и кон растеретување на Здравствениот дом Охрид во центарот на градот, кој во летниот период има многу пациенти.