
Копретседавачот на македонскиот тим во Мешовитата комисија Драги Ѓоргиев, во пресрет на средбата закажана за утре и задутре очекува дека членовите на Комисијата ќе се однесуваат професионално и академски.
„Зачуден сум од силната политичка изјава на колегата член на академско и експертско тело, и тоа во пресрет на новата средба. Ставот за монолитна политичка позиција во однос погледите за минатото е како одек од едно друго време. Исто така, да се подредува нашата работа на политички барања и погледи е академски неприфатливо“, вели Ѓоргиев во изјава за Радио слободна Европа.
Изјавата на Ѓоргиев следува по интервјуто на неговиот колега во Мешовитата комисија, копретседателот на бугарскиот тим, Ангел Димитров, кој за БНТ ги обвини македонските колеги дека прават сѐ што е можно да не се случи напредокот што го посакуваат политичарите.
„Ако однапред се бараат оправдувања за неуспех на средбата, тоа секако нема да придонесе кон реализација на нашите заеднички цели. Далеку е покорисно да дадеме личен придонес во научната дискусија во рамките на комисијата, отколку во јавноста да даваме еднострани политички толкувања и лични желби. Очекуваме плоден дијалог ослободен од политички притисоци и политички агенди со цел да придонесеме во градење на заемно пријателство“, вели Ѓоргиев.
Димитров за БНТ го споменува интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС, кое предизвика реакции во јавноста, а дел од членовите на македонскиот преговарачки тим се оградија од изјавите во него. Димитров вели дека зборовите на премиерот Зоран Заев, кои влеале надеж дека има нов поглед кон минатото, наишле на сериозна критика дури и од членовите на Комисијата.
Утре и задутре комисијата треба да ја одржи 11-та средба, а според бугарските медиуми тема е средновековието.